Амбасадорот на Европската Унија во нашата држава, г-дин Дејвид Гир, Заменикот на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, г-дин Фатмир Битиќи, министерот за економија, г-дин Крешник Бектеши, и директорот на Управата за заштита на културно наследство, г-дин Ацо Костов, заедно со градоначалникот на Општина Чаир, г-дин Висар Ганиу, во текот на денешниот ден извршија обиколка во чаршијата и увид во резултатите од инвестицијата со која се зачувува автентичноста на чаршијата и се подобруваат инфраструктурните услови како за туристите кои ја посетуваат, така и за занаетчиите кои работат во чаршијата.
Старата скопска чаршија претставува Споменик на културата и со закон е прогласена за културно наследство од особено значење.
На територијата на чаршијата и нејзината непосредна околина се наоѓаат над 20 културно-историски споменици, голем број мали трговци, дуќани и занеетчии.
Како дел од потпроектот „Промоција на чаршиски туризам во Општина Чаир“ спроведени се активности за реставрација на калдрмата на улица Битпазарска, зачувување и замена на фронталните излози на 39 дуќани, изработка на апликација за дигитална промоција на туризмот во Старата скопска чаршија, како и инсталација на туристичка патна сигнализација.
Амбасадорот на ЕУ во нашата држава истакна дека поддршката на Европската Унија за старата чаршија има за цел да се зачува уникатната атмосфера и архитектонската убавина на овој локалитет, истовремено отварајќи се за македонските и странските посетители.
„Магазинот „Lonely Planet“ ја има наведено Северна Македонија помеѓу 10-те топ земји коишто треба да се посетат во текот на 2020 година. Додека пандемијата со Ковид 19 ги натера повеќето луѓе да ги одложат своите планови за патување, Скопје и земјата сепак треба да ја искористат оваа можност и да се спремат за враќање на посетителите“ нагласи г-дин Гир.
„Овој проект е само мал придонес во постигнување на таа цел. Истовремено, во потрага по развој на туристичкиот потенцијал во Северна Македонија навистина е од огромна важност, да се обезбеди почит за природното и културното наследство на самата земја. Овие размислувања служат како информација за останатите 50-тина слични проекти кои се поддржани од страна на Европската Унија преку нејзината програма за локална и регионална конкурентност ширум земјата. Преку оваа програма, ЕУ обезбеди 18 милиони евра за асоцијации, микро и мали претпријатија и општини за поддршка на туристичкиот сектор. Во очекување сме на резултатите од овие инвестиции“ потенцираше Амбасадорот.
Заменик Претседателот на Владата, нагласи дека дека овој период на криза, предизвикана од Ковид 19, може да се гледа и како можност да се реализират проекти кои ќе постават цврста база за брзо опоравување на економијата по завршување на кризата, а проектот кој се промовира е еден од таквите проекти, со кои се создаваат услови за развој на туризмот и занаетчиството во Скопје.
„Старата Скопска Чаршија има голем стопански и културен потенцијал и ако сакаме да ја направиме место каде што ќе се разменуваат идеи и стоки на луѓето во регионот, тогаш сме должни да создадеме услови и да го заштитиме нејзиното културното богатство. Тоа значи зачувување на стариот и автентичен изглед преку одржување на соодветните материјали како што се каменот травертин и дрвото како карактеристика на чаршијата. Истовремено, создадовме подобри услови за занаетчиите и посебно за туристите, бидејќи сакаме ова туристичко место да се посетува како споменик на нашето културно наследство, препознатливо во државата и на Балканот“, потенцираше г-дин Битиќи.
Министерот Бектеши се осврна на поддршката на Владата за развој на туризмот на старата скопска чаршија и потенцираше дека токму вакви проекти придонесуваат за зголемување на бројот на странски туристи кој беше рекорден во изминатите години, и кој според анализите оваа година ќе беше уште поголем да не беше пандемијата со Ковид 19.
Земајќи ја во предвид важноста на чаршијата како објект од особено културно значење, Директорот на управата за заштита на културно наследство, г-дин Ацо Костов, зборувајќи од стручен аспект, истакна дека проектот за разубавување на чаршијата се спроведе максимално коректно и квалитетно, за зачувување на автентичноста на чаршијата.
Градоначалникот на општина Чаир, г-дин Висар Ганиу, посочи дека реализираниот проект придонесува во социо-економскиот развој и развој на туризмот во Старата Скопска Чаршија.
Проектот за локална и регионална конкурентност е финансиран од Европската Унија и Владата на Република Северна Македонија. Проектот се администрира преку Светска Банка, а се спроведува преку Кабинет на Заменик Претседателот на Владата задолжени за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции.