Заменичката на Претседателот на Владата задолжена за економски прашања и координација со економските ресори, г-ѓа Мила Царовска, заедно со Градоначалникот на Општина Крушево, г-дин Томе Христоски, изврши увид во градежните работи и текот на активностите на потпроектот „Кругот на адреналинот – Развој на авантуристички туризам во Крушево“ кој е финансиран во рамки на Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК).
Развој на спортски, авантуристички и велосипедски туризам во Крушево
Со инвестиции обезбедени од Европската Унија и Владата, Крушево станува дестинација со разновидна понуда за посета преку целата година во која се развиваат спортскиот, авантуристичкиот и велосипедскиот туризам.
Реконструкцијата на спортската сала „Војвода Ѓорги Стојанов“ е во завршна фаза и истата е уредена според сите меѓународни стандарди, оспособена за тренинг и натпревари за сите спортски клубови кои Крушево ќе ја изберат како дестинација за физичка подготовка на спортистите.
„Реализацијата на проекти со кои се поттикнува туризмот и се инвестира и во спортски објекти е навистина важно за да се придвижи локалната и регионалната економија. Нашата држава има одлични туристички локации, коишто треба да ги промовираме и да ги унапредуваме содржините на овие локации, со цел туристите да се чувствуваат поудобно и да поминат подолг временски период на тие места. Со инвестиција од над 28 милиони денари, се изврши реконструкција и реновирање на спортската сала и се создадени дополнителни услови за развој на авантуристичкиот туризам во Крушево. “ истакна г-ѓа Царовска.
Во рамки на спортската сала поставена е вештачка карпа за спортско качување – болдеринг со вкупна површина од околу 40 м2 која ги содржи сите неопходни елементи за рекреација и натпреварување во текот на целата година.
Дополнително, во рамки на проектот спроведени се низа активности и за развој на параглајдерството како што се: набавка на АТВ мотор и безбедносна опрема за спасување на параглајдери и возило за транспорт на пилоти до локациите за параглајдинг. Минатата година, финансиски беше поддржан Меѓународниот параглајдинг куп на кој учествува околу 150 учесници од цела Европа.
За љубителите на планинскиот велосипедизам одбележани и мапирани се велосипедски патеки во должина од 42 километри.
„Со потпроектот „Кругот на адреналинот – развој на авантуристичкиот туризам во Крушево“ значително се зголемува туристичката, рекреативната и спортската понуда на Крушево, со цел привлекување на поголем број на домашни и странски туристи“ истакна Градоначалникот на Крушево, г-дин Томе Христоски.
Преку ПЛРК, во Крушево се поставени сувенирници, информативни знаци и табли, а тимови од општината учествуваа на два саеми во Софија и Белград за промоција на туристичката понуда на дестинацијата.
Проектот за локална и регионална конкурентност се финансира од страна на Европската Унија и од Владата на Република Северна Македонија. Проектот го администрира Светска Банка, а истиот се спроведува од Кабинетот на Заменичката на Претседателот на Владата задолжена за економски прашања и за координација со економските ресори.